Докторите си заминуваат, кој ќе нѐ лекува?
По намалениот природен прираст во државата и бранот иселувања на млади кадри од технолошки и информатички науки, се соочуваме со уште еден феномен на сѐ поголем одлив на бели мантили, односно стручен медицински персонал
Последниот алармантен податок, според кој на Медицинскиот факултет во Скопје секоја година дипломираат 220 доктори,
а во комората даваат барање за иселување во странство 173 доктори, го вклучи црвеното светло
Доколку не се преземат итни мерки со кои лекарите и медицинските сестри ќе се задржат во земјава, ќе останеме без голем дел од нив. Така, метежите ќе се зголемат, а ќе се зголеми и можноста за лекарски грешки, зашто тие што ќе работат ќе бидат преоптоварени, а со тоа постои ризик од зголемување на смртноста. Ова не е ново предупредување во услови кога речиси секој млад лекар учи германски и се надева дека лесно ќе најде работа во Германија, која има голема побарувачка за медицински персонал.
Поради недостиг од кадар т.е. од медицински сестри беше затворено и одделението за хематологија на Клиниката за детски болести, каде што се лекуваат најтешко болни дечиња од рак. Експертите и познавачите на состојбите одамна предупредуваат дека ни се заканува сериозна опасност да останеме без медицински персонал, а досега не беше преземена ниту една мерка што ќе го задржи овој кадар во државата.
Д-р Калина Старделова-Гривчева, претседателка на Лекарската комора на Македонија, кажа алармантен податок според кој на Медицинскиот факултет во Скопје секоја година дипломираат 220 доктори, а во комората даваат барање за иселување во странство 173 доктори.
Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари, алармира дека ако не се преземат мерки, ќе се доведеме во ситуација да лекуваат само мал број лекари, кои ќе се справуваат со енормен број пациенти.
– Еве што се случува во моментов. На пример, во Велес кила оперира само еден лекар. Дали знаете дека во велешката болница пред години единствено само глава не се оперирало. Валандово и Крива Паланка имаат само по еден гинеколог, кои и прегледуваат, ги водат пациентките и породуваат. Има родилни сали, нема гинеколози. За пет години во Берово ќе се пензионираат петмина матични лекари и ќе останат само двајца. Што ќе прават тие луѓе таму? – вели д-р Чолакова-Дервишова.
За да може некој да работи како лекар требаат најмалку шест години.
– Меѓутоа, добар лекар не се станува прекуноќ, туку со добра практика. Медицината е сериозна наука. Мора да се решава проблемот со одлив на кадар – вели таа.
Лекарите велат дека најалармантна е состојбата во педијатрија, каде што до 2020 година ќе останат само 13 доктори во цела држава. Сите специјалисти се повозрасни и се пред пензионирање.
Министерството за здравство, велат оттаму, во континуитет е посветено на унапредување на статусот на докторите и на сите здравствени работници, како и подобрување на условите за работа.
– За таа цел, заеднички работиме на подобрување на сите сегменти. Во соработка со стручните здруженија, особено со Лекарската комора, Македонското лекарско друштво и другите комори и здруженија работиме на повеќе решенија за унапредување на статусот и стимулирање на сите здравствени работници. По завршување на обемната и темелна анализа за кадар во јавните здравствени установи, со одредена динамика ќе се пристапи кон нови вработувања, секаде каде што е потребно и каде што има дефицит од кадар. Заедно со стручните здруженија работиме и на Програмата за специјализации, од март, односно април годинава ќе се зголемат паушалите за дежурства, а паралелно се работи и на постепено зголемување на платите – велат од Министерството.
Оттаму објаснуваат дека станува збор за процес што ќе се одвива во континуитет. Веќе се обезбедени средства за вработување млади специјализанти, кои ќе земаат плата во висина на минималната плата гарантирана за општ лекар.
– Заедно со фелата активно работиме и на Законот за здравствена заштита, а паралелно и на Законот за докторска дејност, што е особено значајно за самите доктори. На докторите ќе им се понудат и подобри опции за едукација преку соработка со познати универзитетски центри во Европа. Истовремено, во комуникација сме со директорот на Фондот за иновации, за етаблирање нов центар за истражување во рамките на Клиничкиот центар, каде што може да се направат научноистражувачки проекти, особено значајни во едукацијата на младите лекари – додаваат оттаму.