АПЧИЊАТА ЗА БОЛКА ИМ ГО ОДЗЕДОА ПРИМАТОТ НА АНТИДЕПРЕСИВИТЕ

АНАЛГЕТИЦИТЕ НАЈПРЕПИШУВАНИ ЛЕKОВИ

„Дај ми апче за глава, ќе збудалам од болка“, „Побрзај со лекот, стомакот многу ме боли“.

Наместо само два-три пати месечно, многумина граѓани се клукаат со овие лекови секој или секој втор ден не водејќи сметка за нивното штетно дејство доколку прекумерно се земаат и не сакајќи притоа да проверат што е вистинска причина за болката што често ги мачи.

Лековите против болка се најчесто препишувани лекови што граѓаните ги земаат од аптека, покажа и последната анализа на системот „Мој термин“. Со последната корекција Министерството за здравство ги намали цените и на овие препарати – на нестероидните антиинфламаторни лекови и на лекот против болка. Да се надеваме дека поевтинувањето нема да е причина тие уште повеќе да се трошат.

Лекарите велат дека пациентите уште на влез во ординација ги бараат овие лекови, кои доколку се земаат неконтролирано, може многу штетно да влијаат и на желудникот – може да предизвикаат дури и прскање чир, а ретко ги слушаат советите да проверат што е вистинската причина за болката. Фармацевтите предупредуваат дека главоболката и болката, воопшто, се сериозен симптом, кој често треба сериозно да се третира и наместо веднаш да се испие апче, треба првин да се прошета, да се провери крвниот притисок, а може да се испие и чај од кора на врба, од чии состојки се прави и аспиринот.

Фармацевтот м-р Илчо Захариев, кој е и исклучително добар познавач на лековитите растенија, вели:

– Болката што се јавува кај некој човек е сериозен симптом, кој често треба сериозно да се третира. Ако се појавува ретко, два-трипати месечно, тогаш може да се земе „парацетамол“, „аналгин“, „кафетин“ и тоа не е проблем. Доколку болката е почеста, треба да се оди на лекар и да се испита што е причината за неа зашто зад тој симптом може да се кријат10 состојби, затоа лекарот ќе реши која терапија ќе ја препорача. Битно е прво пациентот, кој е многу важна алка во целиот синџир, да биде одговорен за сопственото здравје и со лекарот да најдат оптимално решение затоа што, нели, целта е тој да се излекува и да се избегнат несакани реакции. Битен е и системот на лекување, но и режимот на препишување и издавање лекови, кој треба сите да го почитуваат – вели м-р Захариев.

На прашањето кога во случаи ќе почувствуваме некоја болка, кога веднаш треба да земеме апче, а кога може да не смири и нешто друго – чај, сок, прошетка, тој појаснува:

– Ако навечер се јави главоболка, препорака е прво да се излезе надвор на воздух и прошетка зашто можеби главоболката е од замор и треба првин да одморите. Таа може да се јави и ако е покачен крвниот притисок, затоа тој треба да се проверува и регулира. Може да се земат, пред апчето да се испие, и свежи сокови, овошје – може да се испие исцеден лимон, чај од липа или камилица. Добра е и лажица мед зашто на мозокот му треба гликоза, а секако да се избегнува мрсна, солена и зачинета храна, како и кофеински напивки – кафе, кока-кола, но и индиски чај. Треба да се избегнува и поголем физички напор. Некогаш пред аналгетикот помага „бедоксинот“ – витамин Б6, кој дава добар ефект и од земањето една таблета. Од другите чаеви што дејствуваат на главоболката се препорачува чај од кора од врба, кој има деривати на „аспиринот“ – нагласува м-р Захариев.

На прашањето колку лековите против болка се штетни при неконтролирана употреба, во Здружението на приватните лекари на РМ се категорични:

– За овие нестероидни антиревматици и лекови против болка пациентите многу често ни доаѓаат со ливче и ги бараат токму овие препарати за кои има фондовски рецепт, но ако сака повеќе од тоа, ќе мора приватно да ги купи. Но пациентите не се свесни дека токму овие нестероидни антревматици, кои некои ги пијат со недели или месеци, често може да предизвикаат заболувања на желудникот, како гастритис, но и да доведат до крвавење на постојниот чир. Ако некој без контрола ги пие овие антиревматици, може да се предизвика дури и прскање на чирот на желудникот! А факт е дека и тие и лековите против болки секојдневно се користат и за главоболка, за менструална болка, за ревматски болки. Има многу пациенти кои со години долготрајно ги земаат овие лекови велејќи дека не можат без нив – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението.

Таа нагласува:

– Наше е на пациентите да ум укажеме дека лековите против болка и антиревматиците може да ги употребуваат од неколку дена до најмногу една недела месечно, но имаме пациенти што секој месец со редовната терапија на ливче секогаш имаат и нестероиден антиревтамтик, кој ако не им го препишеме, се откажуваат од нас и бараат друг матичен лекар.

За шест месеци само за еден антиревматик препишани 200.000 рецепти

Според податоците од Фондот за здравство, во првите шест месеци од оваа година се препишани 199.684 рецепти за таблетите „диклофенак“ (нестероиден антиревматик) и капсули од 75 мг во износ од 13 милиони и 212.241 денари.

И за таблетите „ибупрофен“ од 400 мг препишани се 34.961 (лек против температура и болка) рецепти во износ од 1.624.522 денари, а за таблетите „кетопрофен“ од 100 мг (против болка) препишани се 58.446 рецепти во износ од 3.416.240 денари.

Љубица Балабан

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора За Здравје

Регистрирај се!
Министерство за Здравство
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари