Новите правила за лекување ги испаничија болните – Нова Македонија 18.01.2011

Исплашените болни, кои сакаат да знаат како ќе се одвива нивното лекување, информации бараат од матичните лекари, но тие не можат точно да им објаснат зашто не ги знаат деталите што би важеле за секој од нив.

Пациентите, особено хронично болните, збунето и во паника ги дочекуваат најавените новини за тоа како и каде ќе се лекуваат. Матичните лекари, пак, кај кои најчесто се јавуваат, не можат точно да му објаснат на секој од нив, зашто и тие ги немаат деталите, па ги смируваат дека новините се од 1 март, а лекувањето секако ќе почнува токму кај нив. Дотогаш сите лекари треба да добијат упатства од Минстерството за здравство за тоа каде може да ги испраќаат болните. Експертите имаат поделени мислења за најавените реформи.

Здравствените власти направиле авторизација на болниците за тоа која што може да работи. Така, ако сте жител на еден регион, нема да може да се лекувате во друг доколку во оној во кој живеете има лекар за болеста што ја имате. Новите правила предвидуваат разболениот пациент, доколку не му е ургентна состојбата, прво да појде кај матичен лекар. Овој лекар, доколку не може да го излекува, ќе му даде упат за специјалист во поликлиника, кој, пак, може да го испрати кај болнички или клинички специјалист.
Матичниот лекар, како досега, нема да може да напише упат за лекување на клиника или во болница. Оние што сакаат второ мислење со сино картонче ќе може да го добијат само од лекар во регионот во кој живеат, или од лекар од повисоко ниво, за кој треба да земат упат од специјалистот.

Новините предизвикаат паника и негодувања кај болните.

– Од она што ми го објаснуваат изгледа значи дека јас нема да можам да го носам детето кај лекарот што го избрав, зашто тој не работи во регионот во кој живеам. А јас го избрав токму него зашто по долго лутање низ установите, тој единствено му ја откри дијагнозата и успешно го лекува – вели скопјанката М.Г.

Исплашените пациенти бараат помош и од матичните лекари, кои не можат да им дадат детали за тоа каде ќе продолжи нивното лекување. Во ординациите се вжештени телефоните, а и преполни се чекалниците со пациенти што бараат информација.

– Гунгула е. Сакаат да знаат што ќе се случува и исплашени се. Јас ги смирувам со тоа дека новините се од 1 март и дека прво пак ќе дојдат мај мене на лекување. И ние чекаме одговор на прашањата. Така, на пример, ќе треба да дознаам каде ќе се лекува пациент со системски лупус што одеше на клиника во Скопје – вели д-р Стоје Стојмановски, матичен лекар и потпретседател на Здружението на приватни лекари.

Тој ја поддржува новината со која се определува дека пациентот пред да појде на клиника, мора да оди на специјалист, но не и со тоа да се ограничува на кој специјалист ќе оди.
– Добро е да се има ред, зашто сега е анархија. Секој испраќа пациенти каде што сака. Но сметам дека не смее да се ограничуваат пациентите кај кој специјалист ќе појдат. Тоа значи дека ако е болниот од Кратово, на специјалист да не мора да појде само во Куманово, туку ако сака да може да избере и лекар од Велес, на пример. Така ќе се создаде конкуренција и точно ќе се види кој како и колку работи – вели д-р Стојмановски.

Матичните лекари очекуваат кавги со болните, додека да се научат на правилата каде може да одат. Многумина од нив се воздржуваат од коментари, зашто велат дека уште не знаат прецизно како е осмислен системот и која установа што ќе може да работи.

Д-р Лиле Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението, вели дека ги чекаат патоказите. Таа смета дека треба да има ред во движењето на пациентите, но не сака да коментира додека не ги види деталите.
Експертот по јавно здравје д-р Методија Трајаноски ги поддржува новините.

– Разбрав дека новите правила се во корист на пациентите, за непотребно да не се влечкаат по ординации и да немаат непотребни трошоци. Оваа мерка одамна требаше да се донесе. Мора да има ред и организиран систем. Оние што сакаат да избираат ќе си платат – вели Трајаноски.

Од Министерството за здравство не кажуваат во која установа што ќе може да се работи. Оттаму велат се работи за обемен и стручен материјал, па затоа не можеле да го испратат. Додаваат и дека нема потреба да паничат пациентите, зашто има еден месец за лекарите да се подготват за новините.

Автор: Наташа Бошковска-Златкова

Извор: Новите правила за лекување ги испаничија болните

Коментари (1)

 

  1. komentar od iskustvo напиша:

    Vo red se novinite,samo mislam deka treba da ima selektivnost vo ovoj zakon za veke postaveni dijagnozi.Primer zosto da odi na specijalist pacient so veke postavena dijagnoza na karcinom.Toj e veke pacient na klinika a upatite vo toj slucaj se potrebni samo za administrativna cel i mislam deka togas treba da vazat od maticen.Vo sprotivno ovie pacienti i onaka dosta se izmaltretirani pa uste ovie ekskurzii im falat

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора За Здравје

Регистрирај се!
Министерство за Здравство
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари