СТАРТУВА ОГРАНИЧУВАЊЕТО НА ЛЕКОВИ НА РЕЦЕПТ
Разболувај се до 65 денари
Ограничувањето на рецепти за препишување антибиотици и антидепресиви, што стапи во сила од први овој месец, им остава простор на матичните лекари да напишат рецепти во вредност од 65 денари од пациент за сите лекови или 25 денари од пациент за антидепресиви и антибиотици. Со ова ограничување, здравствените власти, како што објаснуваат, се обидуваат да ја намалат нерационалната потрошувачка на антидепресиви и антибиотици, што во првите шест месеци од минатата година беше многу висока.
Од Фондот за здравствено осигурување велат дека со новите договори матичните лекари можат да препишуваат рецепти во вредност од 350 денари за бод (бодовите се одредуваат според староста на пациентите), а во рамки на оваа сума да препишат антибиотици и антидепресиви во вредност од 150 денари за бод. Лековите што треба да ги добијат пациентите по препорака од специјалист или субспецијалист, матичните лекари ќе можат слободно да ги препишуваат без оглед на ограничувањето.
Оттаму објаснуваат дека, на пример, ако некој матичен лекар има 1.000 пациенти, а ако во просек еден пациент носи два бода и ако овие бројки се помножат со 350 денари, колку што е ограничувањето, се добива сума од 700.000 денари за рецепти годишно.
“Месечната квота за матичен лекар кој има 1.000 пациенти, според оваа пресметка, би била 65.000 денари, а ако се подели со бројот на пациенти, излегува 65 денари од пациент за сите лекови. Но во пракса тоа не функционира така, бидејќи не сите пациенти што ги има одреден матичен лекар тој месец ќе побараат медицинска помош”, велат од ФЗОМ.
Од Фондот убедуваат дека нема да се случи пациентот да остане без потребната терапија, затоа што лекарот ќе се исплаши да не го надмине лимитот и нема да му даде рецепт.
“Пресметките ги правиме на квартално ниво, односно на секои три месеци се гледа колку рецепти се реализирани, а потоа и на годишно ниво. Ако се случи во еден месец лекарот да го надмине ограничувањето за препишување рецепти, во текот на следните два месеца може да се порамни и повторно да си ја добие целосната капитација”, велат од Фондот.
Д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседател на матичните лекари, вели дека оваа мерка е добра, бидејќи од преголема употреба на антибиотици, пациентите стануваат резистентни на лековите, а ќе немаат проблем и со оние пациенти што буквално доаѓаат и бараат да им се препише антидепресив без оглед дали им е потребен.
За зголемената употреба на антидепресиви и антибиотици, пред околу три месеци алармираше и министерот за здравство Никола Тодоров, кој најави дека ќе направат стручна анализа за тоа на што се должи зголемената употреба на лекови против стрес.
Според податоците од ФЗОМ, во првите шест месеци од минатата година биле препишани и издадени 8,8 милиони лекови. Од оваа бројка на рецепти, 832.023 биле за лекот за висок крвен притисок “еналаприл”, 447.235 за лекот за кардиоваскуларни болести “пентоксифилин” и 433.330 за ансиолептикот “дијазепам”. (Е.А.)