Ветувањето за добро јавно здравство остана само поглавје во „Планот за живот“

  • „Добро јавно здравство“ беше ветувањето во Планот за живот во Македонија на СДСМ од 2016 година, но надлежните не одговараат на прашањата колку од тоа е реализирано.
  • Од ВМРО-ДПМНЕ признаваат дека СДСМ имаше амбициозна програма од која досега се реализирани само 20 проценти.
  • Во Министерството за здравство, во Владата и во СДСМ пред еден месец ги прашавме: Што е подобрено во јавното здравство во Македонија и што од ветеното е реализирано, но одговор не добивме.
  • Само првите неколку дена од новата година, во очекување на техничка влада, министерот за здравство и премиерот во заминување беа на неколку настани на кои промовираа нова опрема или сали во болници и клиники.
  • Во изминативе години, се повторува практиката политичарите да ги прашуваат и слушаат граѓаните само додека се во опозиција или, пак, во предизборните кампањи, а потоа ги забораваат  и проблемите на граѓаните, но и своите ветувања.

Изградба, реконструкции и опремување на општите и клиничките болници во државата, достапност на висококвалитетни лекови, замена на „Мој термин“ со систем кој ќе гарантира брза и квалитетна здравствена заштита на секое ниво, со точно утврдени рокови и обврски, зголемување на основната плата на сите здравствени работници за 100% за да се спречи одливот на медицински кадар.  Ова се дел од основните цели од „Планот за живот во Македонија“ на СДСМ од изборната програма во 2016 година. На 11 страни од 132 – 143 е претставена визијата како ќе да изгледа здравството во државата за време на владеењето на актуелната власт.

Досегашните реформи во здравствениот систем ја рангираа Република Македонија на дното на Европа според индексот на здравствени услуги, истакнаа од СДСМ пред да ја преземат власта и ги посочија конкретните проблеми во здравствениот сектор во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

„Континуиран недостаток од лекови и медицински потрошен материјал, намален и нерамномерен квалитет на здравствените услуги и лекови, недоволна ефикасност и ефективност на здравствениот систем, огромно незадоволство на пациентите од лошите услови во здравствените установи, демотивираност и ниски плати на здравствените работници кои се причина за нивно заминување во приватниот сектор и странство, партиски вработувања и партизирани менаџери во јавните здравствени установи“, стои во програмата, во која има посебен дел „Добро јавно здравство“.

Оттогаш поминаа 7 полни години, за кратко ќе биде назначена техничка влада и ќе започнат подготовките за избори во мај. На прагот сме на нова изборна кампања, која нема да го одмине здравството, како еден од клучните столбови во државата. Затоа во Министерството за здравство, во Владата и во СДСМ ги прашавме: Што е подобрено во јавното здравство во Македонија и што од ветеното е реализирано. Прашања испративме точно пред еден месец на 18 декември лани, но одговор не добивме, иако во комуникацијата ни беше кажано дека собираат податоци.

Школска оценка за здравството е меѓу двојка и тројка

Двојка – тројка не можам со повеќе да го оценам здравството, вели докторката Лилија Чолакова – Дервишова која работи во Велес, а воедно е и претседателка на Здружението на приватни матични лекари.

„Состојбата е многу тешка во примарното здравство, поради што многу тешко се функционира. Недостига стручен кадар на секундарно ниво во болниците, едноставно се сведени на поликлиниките, на амбулантите, има цели одделенија коишто се затворени. Неколку пати го замолив министерот со својот тим да направи прераспределување во интерес на здравството, да има континуитет, бидејќи така е по Уставот на Република Македонија. И еве уште еднаш ќе апелирам, навистина да се пратат рендгенолози, пулмоалерголози, оториноларинголози, да не ги редам сите стручни области коишто  недостигаат, бидејќи цели одделенија се празни. Едноставно народот којшто плаќал здравствено осигурување нема каде да го упатиме или треба да има финансиски средства за да дојде до Скопје каде што сè уште болниците функционираат и приватното здравство е силно“, вели Чолакова-Дервишова.

Таа потсетува на дел од проблемите. Матичните лекари не го почувствуваа зголемувањето на капитацискиот бод, бидејќи инфалцијата го „стопи“. Тие имаат огромен трошок за електрична енергија, бидејќи им се пресметува како индустриска. Заглавени се и во бирократија, со пополнување на еден куп хартии, како и со ловењето на термини на системот за закажување „Мој термин“.

Измените во Законот за здравствена заштита кои треба да го олеснат преземањето на ординацијата и пациентите, иако се објавени во „Службен весник“, сè уште не се во функција, бидејќи софтверски не се решени од страна на Фондот за здравствено осигурување.

Во државното здравство проблем се и платите и организацијата и недостигот на современа апаратура и генерално лошата атмосфера

Она што е исто така голем проблем за македонското здравство повеќе години, а последниве години добива на интензитет е значителната стапка на одлевање на медицинскиот кадар надвор од државата или од јавното во приватното здравство. Како причини за кои немаме решение, освен платите, се и проблемите со организацијата, недостигот на современа апаратура или, генерално, лошата атмосфера во државното здравство.

Игор Николов, кој е претседател на комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, но е лекар и дел од македонското здравство, признава дека СДСМ имаше амбициозна програма наречена „За живот“, но таа во 80 проценти не е реализирана. Особено неколкуте круцијални сегменти  – инфраструктурата, кадровската политика и здравствениот систем.

Имаше ветување за позитивна листа, модерна, современа и софистицирана којашто денес после 7 години власт не е ни мрдната, ниту е поместена, ниту имаме нов лек на оваа позитивна листа, за да останеме на еден буџет, на еден времен начин на финансирање, а тоа се условните буџети. Тие се проектите на Министерството за здравство, односно програмите. Што се однесува на инфраструктурата тука е најголемата болка, веројатно граѓаните најмногу ја чувствуваат, а тоа е ветувањето дека ќе се направи, ќе се изгради Клинички центар кој не само што го немаме туку неизградбата на Клиничкиот центар нè чини пари за што треба граѓаните да платат пенали. Втора работа е започнатиот Клинички центар како што е оној во Штип. Сведоци сме дека ниту е мрднато од каде што е започнато, дека е раскинат договорот за соработка и денес се објавуваат нови тендерски процедури. И на крај за системските промени, укинување на организациските директори. Сведоци сме дека ништо од тоа не е сторено, за да ни кажат дека тоа ќе биде дел од новата програма односно од новата кампања или новата власт“, вели Николов.

На нашата забелешка дека организациските директори беа „изум“ на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Николов објаснува дека тоа требало да бидат времени решенија исто како условните буџети и признава дека и нему како и на останатите здравствени работници коишто секојдневно работат, од економските или организациските директори не гледаат никаква корист, освен да се протне некој пациент повеќе или да се забрзаат или заобиколат листите на чекање.

„Во рамките на овој системски проблем треба да ги спомнеме листите на чекање. За листите на чекање не се преземаат никави корективни мерки за да тие се намалат, сите сме сведоци на тоа, ниту некој се интересира колкави се листите на чекање или пак некој да му текне да ги објави јавно листите на чекање на одредени здравствени процедури“, потенцира Николов.

Институциите не одговараат на прашања, првите луѓе сами се фалат

Здравството е една од областите која најмногу се користи за промоција. Не само од оваа тука од сите власти досега. Такви се и некои од последните настапи на министерот за здравство и на премиерот.

Дванаесет топ проекти во изминатите 12 месеци, се пофали сам себе си министерот за здравство Фатмир Меџити, преку видеообраќање на 31 декември за тоа што сработил 2023 година.

„…Направивме двојно зголемување на буџетот за набавка на опрема од 2,6 на 5 милиони евра. Набавена е медицинска опрема во повеќе од 10 здравствени установи. Ги подобривме условите во 11 јавно-здравствени установи, се наведува во обраќањето каде се набројува сработеното.

Ако се разгледа неговиот профил, забележителни се објави за настани за промоција на нови апарати во неколку болници – поликлиниката во Сарај, нова операциона сала на Клиниката за ортопедија, апарати во Хируршката клиника „Свети Наум Охриидски“, на Клиниката за радиологија, во гостиварската болница… И сето тоа во само првите неколку дена од новата година, непосредно пред да биде назначена техничка влада.

Премиерот Ковачевски и министерот Меџити имаа набиена агенда во првите денови од 2024 година на повеќе клиники

На поголем дел од овие настани се појави и премиерот во заминување Димитар Ковачевски. На 2 јануари и тој на своите профили на социјалните мрежи објави промотивно видео за оствареното на Владата во 2023 година. Но, во тие 90 секунди материјал не се најде место за здравството.

За овој постојано критикуван столб на општеството тој зборуваше во говорот  на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата – Козле, десетина дена пред Нова Година.

„Ја сменивме сликата од минатото се погриживме континуирано да се обезбедуваат цитостатици и лекови од потребната биолошка терапија и да има доволно количини инсулин на оние на кои им е потребно, рече меѓудругото тој.

Но, само еден пример веднаш ја демантира „промената“ што ја гледа премиерот.

Лицата со дијабетес во Македонија, 2023-та година ќе ја запомнат како една од најтешките во изминатите 30 години, затоа што 44.000 лица на инсулинска терапија беа оставени цели 10 месеци без никакви глукомери или СГМ (сензори) за мерење на гликемија.

Овој премиер покажа целосна индиферентност кон проблемите и прашањата на 116.000  лицата со дијабетес. Затоа и информацијата за него и јавноста е дека да имаме инсулинска терапија најсовремена и антидијабетна терапија најсовремена со највисок степен на квалитет и скоро никакви компликации по здравјето на лицата со дијабетес кои ја примаат. Но, премиерот и следните по него потребно е да знаат дека е ограничена во количини и недостапна до секој пациент кој треба да ја прима. Тој и министрите во Владата, треба да знаат дека програмите што ги усвојуваат за хронично болните, особено за дијабетес се застарен модел. Во ЕУ имаат отворени пазари и референтни цени, што значи слободен избор на пациентот од повеќе типови на лекови и помагала, објаснува Диме Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари во Македонија.

Премиерот Ковачевски рече и дека се скратени процедурите во јавните здравствени установи за да се овозможи полесно и побрзо пополнување на местата испразнетите со пензионирање или со заминување на здравствени работници од други причини.

 Свесни сме за ризикот за нови сосипување во здравството но сакам да порачам, ќе сториме се, што е во наша моќ да ги задржиме нашите кадри тука“, рече Ковачевски.

Но, Гордана Бешлиоска, претседателка на Унијата на здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ посочува на вознемиреноста што ја создаде одлуката на Владата, статусот на ангажманот со договор на дело да се решава со јавни огласи.

„Од болниците, Министерството за здравство побарало да ги подготват документите за јавни огласи. Во јавните огласи мора точно да се прецизираат работни места коишто се предвидени со систематизација. И тогаш е појави парадокс. Внатре, во болниците, овие ангажирани со договор на дело, надлежните не ги пребројале во надополнувањата, иако тие се таму по пет и повеќе години. Ова ги оневозможува здравствените институции да објават конкурси за сите што се со статус договор на дело и можат да распишат јавни огласи само за оние кои ги предвиделе во систематизацијата. За да распишат за сите, мора да добијат одобрување од Министерството за информатичко општество и администрација и треба да добијат повратен одговор, кој најчесто трае од два до три месеца. Ќе дојдат избори, а тоа остава многу простор за манипулација“, вели Бешлиоска.

Според неа, во неизвесност се и оние чиишто места се избројани во систематизацијата, бидејќи нема гаранција дали и тие ќе бидат примени. Ова го базира на досегашното искуство во изминативе пет години, кога многупати имало конкурси и наместо нив биле примени луѓе од надвор.

Никој не признава неуспех

Но, искуството исто така покажува дека без разлика што ветеното не е остварено, партиските штабови во предизборието, сето тоа ќе го оправдаат како предизвик, со кој ќе ветат дека ќе се справат ако го добијат мандатот.

Новинарката Мирослава Симоновска, која долго време во своите стории посочува на конкретни проблеми, вели дека токму министерската фотелја во здравство е една од најатрактивните во меѓупартиските преговори, но никој не ја презема одговорноста зошто здравството не е мрднато од мртва точка.

„Сосема е легитимно во секоја изборна програма на секоја политичка партија здравството да го има приоритетот со оглед дека ја опфаќа целата популација. Меѓутоа конкретни промени не се случија, со оглед на тоа што и ден денешен има недостиг на термини, односно термини само за пациентот да плати од сопствениот џеб, а не и за да му се изврши интервенција, постојано мора да се бараат врски“, вели Симоновска.

Катерина Синадиновска, поранешена претседателка на УО на Советот за етика во медиумите вели дека сериозната дискрепанца помеѓу реалноста и политичко- партискиот маркетинг не е ништо ново во светот на политиката, при што во тие пораки има многу лаги – нешто што е недозволиво во односите со јавноста.

Голем дел од спин – мајсторите и луѓето кои работат во одделите за односи со јавност по министерствата ги советуваат своите шефови да измислуваат или преувеличуваат успеси, на сметка на криење на фактите за несоодветно, честопати и недомаќинско раководење со институцијата. Но, ова генерално е исклучително голема грешка, оти во односите со јавност прво правило е дека не смееш да лажеш, оти штетата што ќе се направи со откривање на лагата е секогаш поголема од штетата што би ја предизвикала вистината, каква и да е. Нашите советници, како и нашите министри, ова тешко го совладуваат“, децидна е Синадиновска.

Неспорен факт е дека ресорот здравство е во незавидна состојба и затоа секое фалење и секоја самопромоција, особено кога тоа е за активности што секако се задача на министерот и задача на тимот што го раководи, предизвикува револт. Во изминативе години, се повторува практиката политичарите да ги прашуваат и да ги слушаат граѓаните само додека се во опозиција или, пак, во предизборните кампањи, а потоа ги забораваат  и проблемите на граѓаните, но и своите ветувања.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора За Здравје

Регистрирај се!
Министерство за Здравство
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари