Матичните лекари утре на протест: Три месеци немаме плата, нека лекуваат тие од третиот ешалон администрација!

Приватните матични лекари и медицинските сестри, утре на денот на здравството 7 април, ќе протестираат пред Министерството за здравство затоа што ниедно барање не им е исполнето, иако пред околу еден месец им беше ветено дека работни групи ќе почнат да ги решаваат децениски наталожените проблеми во примарното здравство.

Тие ќе стават клуч на вратите на ординациите и со комбиња ќе дојдат пред Министерството за здравство на пладне и нема да лекуваат цел ден. По овој мирен протест, ќе следува повеќедневен штрајк. Матичните лекари имаат конкретни барања и велат дека нема да прифаќаат празни ветувања за да се пацифираат, а состојбите во приватното здравство да не мрднат од мртва точка.

Пред да си замине од функцијата, екс министерот за здравство Венко Филипче, предложи измени на Законот за здравствена заштита со кои пациентите остануваа прикрепени за ординацијата, во случај докторот да замине во пензија. Но овие измени на законот, иако се најдоа во собраниска процедура, новото раководство на министерството за здравство ги повлече на разгледување. Со измените, меѓудругото, им се овозможуваше на специјалистите да работат каде сакаат, во државно или приватно здравство, како и да мигрираат согласно дефицитот во нивната специјалност.

Прво барање на матичните лекари е да им се покачи сумата за капитацискиот бод, затоа што тековните 65 денари не се доволни ниту да платат основни режиски трошоци, а камоли за опремување на ординациите со современа опрема или да се вработи доволно персонал. Особено погодени од тешката финансиска ситуација и незадоволни се матичните лекари во руралните средини, кои за да стигнат на работа месечно одвојуваат по 250 евра од својот буџет за превоз, пари кои никој не им ги надоместува.

Ова е трет протест на матичните лекари, на кој повторно ќе бидат истакнати и долгогодишните проблеми со начинот на кој Фондот за здравство ја исплаќа капитацијата за нив, со доцнење од два и три месеци, нешто кое што им е наведено и во договорот, а лекарите го сфаќаат како уцена, бидејќи доколку тој договор не го потпишат, нема ни да им биде дозволено да работат со фондот.

-Триесет години добиваме капитација со доцнење од по два и три месеци. Сега сме април, а уште нема капитација за јануари. Капитацискиот бод и без тоа е незадоволителен од аспект на пациент. Околу 600 колеги живеат на раб на егзистенција, затоа што пациентите се поврзани со печатот на лекарот, па кога тој ќе замине во пензија или ќе си даде отказ, тогаш тие пациенти „висат во воздух” и ординацијата губи многу пари што во прашање ја доведува нашата егзистенција. Бараме пациентите да се водат на печатот на амбулантата па така ако дојде друг лекар, автоматски пациентите да бидат негови, освен ако самите поинаку не решат, вели за Слободен печат доктор Бојан Трајковски, од ПЗУ Медика Вера.

Претседателката на Здружението на приватни матични лекари доктор Лилија Чолакова Дервишова за Слободен печат вели дека иако се смениле повеќе министри во изминатите децении, само законот за лекарите не може да се смени или донесе.

-Ако и овој пат не игнорираат, имам барање од членството да направиме штрајкувачки одбор и да не работиме секој ден. Утре ние ќе излеземе на мирен протест пред Министерството, а обемната администрација која што ги советува министрите да не носат одлуки во полза на примарното здравство и на матичните лекари нека работи и прегледува пациенти. Има рурални средини каде нема ниту стоматолог, ниту лекар ниту медицинска сестра. Се е поскапено, а ние работиме со индустриска струја и плаќаме како да сме корпорации. Што е тешко да не ослободат од давачката за индустриска струја? Бараме економскиот совет на владата под итно да најде пари за приватните доктори. Бараме препораките за хронична терапија за нашите пацинети да важат до крајот на нивниот живот, а не ние да бидеме казнувани од Фондот за баналности. Пациентите ни остареа и не можат да одат по препораки, а ние не сме стручни да знаеме на кого што му треба, вели доктор Чолакова Дервишова.

Таа додава дека буџетите за лабораториите кои функционираат во склоп на приватните здравствени установи, не се покачени 16 години, а дека матичните лекари се претворени во административци со купишта хартии за печатење.

Пред еден месец, матичните лекари протестираа, но за само еден ден протестот беше прекинат зашто заменик министерот за здравство доктор Владимир Рендевски и министерот за здравство доктор Беким Сали, ветија дека ќе се зафатат со решавање на горливите проблеми. Заменик министерот Рендевски тогаш рече дека една од договорените работи е да им се овозможи минимална плата на матичните лекари што немаат доволен број пациенти. До ден денешен, од тоа ветување нема ништо.

– Точна е забелешката на доктор Дервишова дека од 1.463 медицински тимови од примарната здравствена заштита, 500 се на работ на егзистенцијата и едвај добиваат загарантирана минимална плата за тим од доктор и сестра. Во тој сегмент ќе гледаме колку што е можно побрзо да придонесеме да останат мотивирани овие тимови со нивните работни обврски во интерес на пациентите, рече тогаш Рендевски.

Во изјава за Слободен печат, доктор Рендевски денеска вели дека 70 проценти од барањата на матичните лекари се оправдани и можеле да бидат досега остварени, меѓутоа проблемот е во тоа што министерот за здравство Беким Сали има пристап прво да се решат правните рамки во Законот за здравствена заштита кои се однесуваат на примарните дејности, па после тоа да следуваат сите преговори. Доктор Рендевски додаде дека работните групи се формирани, но прво на барање на Министерството за здравство ќе се преговара со лекарската, стоматолошката комора и со здружението на медицински сестри, а во втората фаза ќе се почне со преговарање за барањата на лекарите и стоматолозите.

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора За Здравје

Регистрирај се!
Министерство за Здравство
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари