Матичните останаа без пари среде корона, се разболеле информатичарите кои го одржуваат системот на Фондот за здравство

Во најсилниот бран на коронавирус, доцни исплатата на матичните лекари од Фондот за здравствено осигурување. Наместо 60 дена, како што им стои во договорот, голем дел од матичните лекари исплатата ја чекаат веќе 73 дена. Се жалат дека освен тоа што мораат да се снаоѓаат како да се погрижат за сите пациенти кои бараат помош, сега биле принудени да земаат заеми и да се задолжуваат дури и за основните средства за работа и да работат без плата.

Стево Крстевски, директор на Фондот за здравствено осигурување, вели дека доцнењето е поради проблем што им се појавил во системот.

„Се работи за проблем во системот, во софтверското одржување. Дадов налог да се реши проблемот уште пред десет дена, но состојбата со коронавирусот, која е многу лоша, се одрази и на нивното работење. Од десетмина информатичари тројца се болни. На Инфективна е сопственикот на компанијата која го одржува системот. Кому да му вршам притисок за побрзо да се реши проблемот?“, вели директорот Крстевски.

Проблемот во системот бил решен па затоа еден дел од матичните лекари веќе ги добиле парите, а оние кои не ги добиле, директорот Крстевски вели дека со сигурност ќе ги добијат до петок.„Условите во кои работиме се исти за сите, кризна состојба е и мора да имаме толеранција. До петок сите ќе ги добијат парите и ова доцнење ќе биде исправено следниот месец. Ќе се вратиме на рутината исплатата да биде од први до петти во месецот. Ова доцнење не намерно, никој не сака да им ги сопре парите. Ние како Фонд ги имаме на сметка, но пред да им ги пуштиме мора да се направат проверки и да поминат низ системот“, рече директорот Крстевски нагласувајќи дека доцнењето не е поради финансиска дупка во Фондот.

Тој нема да бара одговорност од информатичарите за спорото отстранување на проблемот поради кој доцни исплатата на матичните лекари и повикува и тие да имаат толеранција бидејќи се работи со препловени екипи поради коронавирусот.

Ако само еднаш на министерот му задоцни платата, место во април да ја добие во август, поинаку ќе се разговара

Лилија Чолакова – Дервишова, матична лекарка и претседателка на Здружението на матични лекари вели голем дел од матичните лекари парите за јануари ги добиле денес околу пладне. Таа речиси три децении води битка матичните лекари да се изедначат со јавното здравство и парите од Фондот да ги добиваат без договореното доцнење од 60 дена.

Ниту еден лекар не треба да моли за пари, смета Чолакова Дервишова. „Од 1992 година досега не се најде министер за здравство што ќе не послуша и ќе ја изедначи исплатата на капитациите на приватните лекари со оние во јавното здравство. Се даваа субвенции за се и сешто, за овци, за ореви, за крави, но не се најде начин нам навреме да ни се плати сработеното. Ни натоварија се што можеше; боледувања, комисии, анкети, вакцини, а се нема слух за нашето барање за навремена исплата. Не не ставија во ниту еден пакет за помош, за награда не станува ни збор, сами купуваме маски и заштитна опрема, а први сме на ударот на вирусот. Јас сум убедена дека ако само еднаш му задоцни платата на министерот, како што ни касни нам, само еднаш место во април да ја земе платата во август и да работи без пари, сигурна сум дека ќе се крене свеста кај него за нашиот проблем и поинаку ќе разговараме“, вели Чолакова Дервишовска.

Таа ја добила исплатата за јануари откако на 6 април, Денот на здравството, предупредила дека доцнење не смее да има. Смета дека ниту еден лекар не смее да се дозволи да моли за пари, но за намалување на двомесечниот вакуум во исплатата, допрва треба да се изборат. Револтирана е што тие не можат да си дозволат да ги затворат ординациите и покрај тоа што Фондот си дозволува да им доцни со исплатата.

Сегашниот директор на Фондот за здравствено осигурување нема решение за овој проблем.„Не знам што да кажам во врска со доцнењето на исплатата од 60 дена кое е ставено и во договорите со матичните лекари. Тоа е проблем што го засега целиот финансиски систем во државата. Можам да кажам само дека следниот месец нема да има дополнително доцнење како овој месец, ќе се вратиме на старата рутина во исплатата“, рече директорот Крстевски.

Фондот за здравство им исплаќа пари на матичните лекари според бројот на пациентите кои, пак, се бодираат во зависност од старосната група. Еден бод е 63 денари. Зголемување на капитацискиот бод за матичните лекари е едно од вечните предизборни ветувања.

https://a1on.mk/macedonia/matichnite-ostanaa-bez-pari-srede-korona-se-razbolele-informaticharite-koi-go-odrzhuvaat-sistemot-na-fondot-za-zdravstvo/?fbclid=IwAR0sCA8PcDP1nEVw0B30OzmkT9AQoBSQjMEOYw4SprRIIYnQmQGxc8iJ-6I

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора За Здравје

Регистрирај се!
Министерство за Здравство
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари