ПРИВАТНИТЕ ЛЕКАРИ СО ПРОТЕСТ ЈА ПОДДРЖАА КОЛЕШКАТА ОД ВИНИЦА НА КОЈА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО НЕ Ѝ ДАЛ КАПИТАЦИЈА


Петковска не добила капитација оти нема медицинска сестра, иако ја барала преку оглас во четири наврати (Фото: СДК.МК)

Под мотото „И јас сум Виолета“, приватните лекари од Велес протестираа пред Фондот за здравство за да ѝ дадат поддршка на колешката од Виница, д-р Виолета Петковска. Тие реагираат што Фондот не ѝ платил капитација за декември, иако сите останати ја добиле.

„Бидејќи колешката веќе нема медицинска сестра, од Фондот не ѝ пуштаат пари. Докторката го исполни условот кој е пропишан во Правилникот и не два, колку што се бара, туку четири пати преку оглас бараше здравствен работник. За жал, во тој регион на источна Македонија медицински сестри нема“, кажа д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари.

Тие побараа под итно да ѝ се пушти капитација на Петковска за да може таа да функционира, а пациентите да бидат згрижени.

„Крајно нехумано е доктор кој извршил стотици прегледи да остане без здравствено осигурување. Таа сега не може да плати концесија и комуналии за амбулантата и да ја врши редовната работа. Освен недостигот на доктори, уште поголем одлив има на медицински сестри“, додаде д-р Чолакова-Дервишова и најави дека протести денеска ќе има и во други градови.

Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) вели дека е во контакт со матичната лекарка од Виница, која од декември наваму е без капитација.

„Фондот е во контакт со лекарката и ова прашање е уредено во договорите на Фондот склучени со матичните лекари“, велат од ФЗОМ.

Претседателката на Лекарската комора д-р Калина Гривчева-Старделова вели дека веќе реагирале и до Фондот и до Министерство, бидејќи во моментов е една докторка, но дека може истиот проблем да се јави и кај други, оти има одлив на кадар.

„Веќе реагиравме до Фондот и до Министерството за здравство да најдат некакво решение. Докторката требаше да достави доказ дека распишала конкурс и дека никој не се јавил на огласот. Баравме да најдат системско решение“, вели д-р Гривчева-Старделова.

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора За Здравје

Регистрирај се!
Министерство за Здравство
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари