Преку лавиринти до клиника – Дневник 14.01.2011

За најновата „маршрута“, што денеска ќе ја обелодени Министерството за здравство, пациентите негодуваат и сметаат дека ќе им биде ускратено основното право на избор на лекар, а дел од лекарите сметаат дека овој хаос – сите болни да се упатуваат директно на клиниките – мора да престане

На преглед кај лекар-специјалист на клиника или во болница нема веќе да може да се оди со упат од матичниот лекар, како досега. За некој пациент да оди на преглед на клиника, ќе мора да чека во неколку чекални. Прво кај својот матичен лекар, а потоа и кај специјалистот, бидејќи матичните лекари – општи, гинеколози, педијатри, од февруари нема веќе да смеат да издаваат болнички или упати до клиника, туку на болничко лекување пациентите ќе може да ги упатуваат единствено лекарите-специјалисти од амбулантите, поликлиниките и од болниците. Но, одисејата не завршува тука: ако лекар-клиничар реши да го смести пациентот во болница, болниот ќе мора да оди назад кај лекарот-специјалист во поликлиниката или болницата за да добие нов, болнички упат.

Исклучок од оваа новина ќе бидат единствено итните случаи, кои директно ќе може да се упатуваат на клиника.

За најновата „маршрута“, што денеска ќе ја обелодени Министерството за здравство, пациентите негодуваат и сметаат дека ќе им биде ускратено основното право на избор на лекар, а дел од лекарите сметаат дека овој хаос – сите болни да се упатуваат директно на клиниките – мора да престане.

Дел од специјалистите на клиниките веќе им најавувале на пациентите: „Наредниот пат нема да дојдете кај мене, туку или кај колега во поликлиниката или во Градската болница ‘8 септември’“.

– Прво, кој има време да виси по чекални за упати од матичен за специјалист во поликлиниката, па да чека по нов упат до болница или клиника? Ќе треба ли и слободни денови да земаме за да дојдеме до упат преку овие лавиринти или да се правиме дека сме итни случаи? Второ, веќе 10 години ме следи интернист од клиника – имам и висок притисок и сум срцев болен. Кој лекар може да ми укаже поквалитетна заштита од него? – прашува 50-годишен скопјанец.

Граѓаните и досега реагираа на ограничувањето на бројот на упати, просечно на четири годишно по пациент, што беше наметнато од Фондот за здравство, па ги менуваа матичните лекари кои не сакаа да им го издадат овој документ, но сега тоа право директно се стопира.

Матичните лекари ниту се информирани за тоа дека ќе им биде укинато правото да издаваат болнички упат, ниту некој од Министерството од нив побарал став за новината. Тие ќе бидат први на удар на незадоволните пациенти што ќе инсистираат на упат до некоја клиника.

– Само ни најавија дека ќе добиеме упатства и ништо друго. Во секој случај, треба да има ред и хиерархија и не е добро сите да одат на снимање на компјутерска томографија или магнетна резонанција или директно на клиника. Помнам пред многу години дека директор на болница или началник на оддел потпишуваа упати за овие снимања. Секако, не смее да биде толку ригорозно ограничувањето, но мора да се знае патот и нивото по кое ќе се движи пациентот. На пример, иако во Велес имаме голем број специјалисти за очни болести, за уво, грло, нос и други во рамки на Здравствениот дом, многу пациенти ги прескокнуваат нив и ни бараат упати за други ординации – вели д-р Лиле Чолакова, претседател на Здружението на приватните лекари на РМ.

На прашањето како се опремени тие ординации што пациентите ги заобиколуваат, д-р Чолакова со одговор:

– Точно е дека тие добро треба да се опремат за специјалистите да може да дадат квалитетна услуга, а и знаењата треба да се обноват и освежат. Сепак, факт е дека и досега повеќето од услугите ние им ги даваме на пациентите, располагаме и со ампуларна терапија, па некогаш нема ни толку барања за болничко лекување. Матичниот лекар најдобро си го знае пациентот, а ние им ги препорачувавме и ординациите во кои имаат потреба да одат – додава д-р Чолакова.

На Клиниката за токсикологија велат дека сега владее вистински хаос во терцијарното здравство.

– Идејата е одлична и мора да се среди овој хаос, зашто болните мора по хиерархија да се движат. Не може сите интернистички случаи да се решаваат во Скопје. На клиниките треба да се упатуваат најсложените случаи, а сега од оваа навалица на пациенти лекарите не можат глава да кренат, ниту можат да им се посветат на компликуваните пациенти. Па ни доаѓаат во 5 изутрина на клиника зашто ги болела глава, а не одат прво ниту кај матичниот! Тогаш матичните лекари не ни требаат. Ваков систем кој беше досега никаде во друга земја не е прифатен, па не треба да опстои ниту кај нас – вели д-р Андон Чибишев, директор на Токсикологија.

Љубица Балабан

Османи: Ќе се знае која болница каква услуга ќе дава

На прашањето како лекарите ќе ги упатуваат пациентите во Градската општа болница „8 септември“ во Скопје кога таа установа с` уште нема ниту доволно кадар ниту опрема за да одговори на новиот предизвик и да им укаже специјалистичка здравствена заштита на сите болни од Скопје, но и од другите градови, кои таму ќе бидат упатувани, министерот за здравство Бујар Османи вчера објасни:

– Сите болници се контролирани од стручни тела кои констатирале за кои услуги имаат обезбедено кадар, опрема и простор. Пациент нема да биде упатен во болница која не е акредитирана за конкретната услуга – најави Османи.

Извор: Преку лавиринти до клиника

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора За Здравје

Регистрирај се!
Министерство за Здравство
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари