Ќе се плаќа и на матичен – Дневник од 03.01.2011

Ако почне барем минимално да се плаќа, тогаш нема да се оди непотребно на лекар. Бараме и прегледите што не се итни да се закажуваат кај матичните лекари

Бесплатните прегледи кај матичните лекари да почнат да се наплаќаат по 50 денари од дијагноза, а кај гинеколозите по 200 денари, предлагаат од Здружението на приватни лекари, за што веќе доставиле и иницијатива до Министерството за здравство и до Лекарската комора. Овие прегледи станаа бесплатни за сите осигуреници пред 10 години, независно од бројот на посети, но тогаш се воведе правилото и децата под 18 години и постарите од 65 години да плаќаат партиципација кај специјалисти и во болница. Дотогаш услугите на ова ниво беа бесплатни за оваа категорија осигуреници, кои не партиципираа ниту за лекови.

Од Здружението велат дека лекарите веќе не можат да ја издржат навалицата од пациенти, трошоците во работата им се зголемуваат, а с` уште нема ништо од ветеното зголемување на капитацијата за 5 денари.

– Енормно е зголемен бројот на прегледи во примарното здравство – дневно имаме по 80 до 100 прегледи во две смени, а треба да има по 25 за услугата да биде квалитетна. На пример, пациент дошол да прими инјекција, но бидејќи веќе е тука, бара да му измериме и крвен притисок. Се создава непотребен метеж, па немаме време да им обрнеме внимание на другите, на кои им е неопходна грижа. Еден матичен гинеколог има и по 8.000 пациентки, па само 10 отсто да дојдат во месецот тоа се 800 прегледи. Познато е во јавноста дека иако се бесплатни, кај некои гинеколози прегледите се наплаќаат и по 600 до 1.500 денари. Ние бараме пациентите да почнат да плаќаат по 50 денари партиципација за дијагноза, а 200 денари кај гинеколог. Ако доаѓа болен од бронхитис, да го плати само првиот преглед 50 денари, а потоа да не плаќа за оваа дијагноза, но ако се разболи од друго заболување во истиот месец, да плати плус 50 денари. Сметаме дека со ова ќе се подобри квалитетот на услугите, бидејќи сигурно е дека нема да има по 100 прегледи на ден! Партиципација во примарното здравство постои во речиси сите соседни земји, на пример, во Бугарија само влез кај матичен лекар се наплатува по едно евро – вели д-р Лиле Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари.

Таа нагласува дека прегледите кај матичните лекари се бесплатни веќе 10-ина години, а заедно со навалицата од пациенти и бројот на услугите постојано се зголемуваат и нивните финансиски издатоци.

– Ако почне барем минимално да се плаќа, нема да се оди непотребно на лекар. Но за овој предлог да помине неопходно е да се донесат измени на законите за здравствена заштита и за осигурување, што е во надлежност на Министерството за здравство. Бараме и прегледите што не се итни да почнат да се закажуваат кај матичните лекари. Па денес ниту на фризер не одите на незакажан термин – додава Чолакова.

На прашањето дали ако се усвои овој предлог, тоа ќе наиде на голем револт кај пациентите, особено што има забелешки дека токму матичните лекари, кои имаат многу осигуреници, примаат пристојна сума (капитација) од Фондот за здравство, Чолакова со одговор:

– Имаме големи материјални трошоци: ја набавуваме сета ампуларна терапија, антибиотици, аналгетици и друго, која н` чини околу 100 евра месечно, а за што пациентите само партиципираат. Ние, од примарното здравство, сме најчесто бараните лекари и треба да даваме дури 80 отсто од услугите. До 2020 година ние мора да завршиме и специјализација по семејна медицина, која ќе н` чини од 80.000 до 130.000 денари, а со месечна капитација од 45 денари на пациент ние не можеме да опстоиме да ги платиме сите давачки. Големи расходи имаме и за обновување на компјутерската опрема, набавка на лиценциран софтвер. А еве колку добиваме – ординација со 1.000 пациенти добива 70.000 денари месечно, од кои треба да ги плати и придонесите и платите. А лекарите и медицинските сестри најчесто се осигурани на минимални плати – од 10.000 до 15.000 денари на доктор, што е малку. Од капитацијата треба да платиме и фирмарина од 100 евра годишно, исто толку за одржување на компјутерите и за фискална каса, за кирија, режиски и други трошоци – појаснува д-р Чолакова-Дервишова. Во примарното здравство работат околу 2.000 лекари, од кои матични се 1400, а другите се специјалисти.

Од Министерството за здравство не ја исклучуваат можноста овој предлог да биде прифатен.

– Ставот за партиципацијата за прегледите кај избраните лекари с` уште не е дефиниран. Ова прашање е во рамки на активностите за дефинирање на новиот модел на финансирање на здравството, а во тие рамки и на основниот пакет здравствени услуги.

Љубица Балабан

Извор: Ќе се плаќа и на матичен

Коментари (3)

 

  1. maticen напиша:

    Bravo za inicijativa, a i izjavata na Dr Lidija e odlicna

  2. Anonimen напиша:

    Vo osnova treba da se borime za adekvatna isplata na kapitacija. FZO znae deka na PZZ mu isplaka samo okolu 60% od toa sto treba da oddeli za PZZ. Samo vo Makedonija od istiot kolac za osnovno osiguruvanje, se pokrivaat celokupnite stomatoloski uslugi na steta na doktoritr koi rabotaat vo PZZ.

  3. Igor напиша:

    seto si e ubavo kazano…
    uste da vidime dali ke bide….

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора За Здравје

Регистрирај се!
Министерство за Здравство
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари